Одлични врски се развиваат не преку непостоење на конфликти, туку преку решавање на конфликтите кои настануваат на конструктивен начин. Учење и стекнување вештини и техники за тоа како да се “расправате” со некого за кого се грижиш ќе помогне многу повеќе отколку да се обидувате никогаш да немате несогласувања.
Ако се грижиш за некого и имате конфликт, обиди се да ги применуваш овие 7 насоки во комуникацијата со него/неа при решавање на конфликтот:
Правило 1: Не викај.
Само ќе ја засилиш емоцијата кај другара страна (и кај себе) и конфликтот дополнително може да се продлабочи. Разговор на висок тон нема да го реши несогласувањето, потребно е да се постигне смирена состојба за да може двете страни да го искажат својот став и да бидат слушнати. Ако пак другата личност вика, многу е важно ти да не го повишиш тонот за да превенираш ескалација на конфликтот.
Правило 2: Секогаш започнувај го и завршувај го разговорот потврдувајќи дека се грижиш за другата личност.
„Те сакам и разбирам како ти гледаш на ова, сакам да ја слушнеш и мојата страна…“, користите ли вакви почетни реченици при несогласувања? Во конфликтот, не смееш да ја потцениш моќта и важноста на потсетувањето на другата личност дека се грижиш за нив и веруваш во нив. Тоа што имате несогласување не значи дека не се сакате и почитувате, потврдете си го тоа.
Правило 3: Биди отворен за идејата дека си направил грешка дури и да си сигурен дека не си.
Луѓето ретко се лутат без причина, така што има голема шанса дека има барем трошка вистина во тоа што го зборуваат. Доколку од сам почеток ја отфрлиш идејата дека си направил нешто погрешно, нема да бидеш подготвен објективно и целосно со разбирање да го слушнеш она што другиот ти го кажува. Понекогаш настануваат недоразбирања без лоша намера од ниту една од страните, но важно е да останеме отворени за можноста да сме направиле нешто погрешно.
Правило 4: Не зборувај општо за однесувањето на другиот, зборувај само за директни примери и случувања.
Критикувај го однесувањето, но не и човекот и целата негова личност. Тешко е за било кого да прифати негативна генерализација за него, така што веројатно е дека само ќе ја активираш неговата/нејзината дефанзивност. При изолирање на фактичкиот настан од општото, секој може брзо да види каде тој или таа не е во право. Многу полено можеме да прифатиме дека сме направиле грешка во одредена конкретна ситуација отколку кога ќе не обвинат за тоа „каква личност сме“.
Правило 5: Фокусирај се да откриеш која е вистината и што е правилно за двајцата во ситуацијатга, не кој е во право.
Кога мислиш на тоа што се случило, обиди се да се отстраниш себе си од ситуацијата и да евалуираш што е добро и лошо врз база на активностите што се случиле, без разлика на чија страна си. Однесувај се кон проблемот како да е туѓ. Не да ги игнорираш твоите чувства, туку да ги погледнеш од една поширока перспектива сите елементи на проблемот. Така најобјективно ќе можеш да го анализираш и решиш.
Правило 6: Без навреди и омаловажувања.
Навредите и омаловажувањата се еден вид на вербално насилство. Омаловажување на личноста секогаш го пренасочува фокусот од решавање на вистинскиот проблем. Никој не може да пристапи кон решавање на конфликт кога се чувствува дека му е нарушено достоинството и повредена му е личноста. Ако користиш навреди, другата страна најверојатно ќе ги чуе само навредите и ќе престане да бара било каков валидитет во тоа што го зборуваш. Колку и да чувствуваш без, пробај прво да се смириш и потоа да разговараш, навредите не се начин.
Правило 7: Потсети се дека и другата страна исто така се грижи за врската.
Една од фундаменталните причини на многу несогласувања е чувството на повреденост, чувството дека другата страна повеќе не ја зима во предвид твојата перспектива, но доколку тие не се грижат за решение со тебе, не би се бореле за истото. Потсети се која е таа личност во твојот живот надвор од конфликтот, како се однесува со тебе кога ситуацијата е стабилна, гледај на неа објективно, а не онака како што ја доживуваш во конфликтната ситуација.
Заклучок:
Конфликтите не се ниту дорби, ниту лоши. Ако имаме конфликт со некого, тоа значи дека и двајцата се грижиме да го најдеме најдоброто решение и дека и двајцата се грижиме да ја зачуваме врската. Ако не се грижевме еден за друг, тогаш ќе игнорираме и ќе си заминеме. Но, дали конфликтот ќе биде добар (ќе донесе до нова позитивна промена) или лош (ќе ескалира и ќе создаде криза во врската) зависи од начинот на кој го менаџираме и разрешуваме.