Лидер – се раѓа или се создава?

Categories: организациски развој

Оваа дилема постојано предизвикува многубројни дискусии и полемики. Иако често личи на дискусијата од типот: Што е постаро – јајцето или кокошката?, сепак вреди да се развива, бидејќи одговорот ќе ни даде насока дали да ги бараме или да ги создаваме новите лидери во компаниите.

liderstvo,лидерство, menadzeri, менаџери,

Поимот лидерство и неговата сложеност

Ако некогаш напишам книга за лидерство, насловотби бил: „Лидерство – easy to speak about it, but hard to do it!“ Денес, сите сакаат да зборуваат за лидерство, но малкумина длабински го разбираат тој сложен феномен.
Лидерството е феномен/процес што се случува во одредена група луѓе, при што другите (не)свесно избираат една индивидуа што ќе ги води. Тоа би била индивидуата во која другите имаат најголема доверба, што ќе им дава насоки и ќе влијае на начинот на размислување и одлучување, ќе го обликува темпото и енергијата на работењето, ќе биде чувар на моралните вредности, честа и угледот на останатите и ќе го држи цврсто кормилото на бродот и тогаш кога по- минува низ бура и се ниша многу силно. Лидерството е сложен процес на влијание на лидерот врз следбениците и доброволно прифаќање од нивна страна.

 

Менаџер наспроти лидер

Изедначувањето на поимите раководител, директор, шеф и менаџер со поимот лидер е еден од показателите дека овој термин не се разбира во неговата суштина. Причината за тоа е разбирлива – сите тие се на чело на некој сектор од организациските структури. Сепак мора да се потенцира дека постојат јасни дистинкции меѓу поимот менаџер и лидер. Првото е формална функција, а второто е неформална улога. Или со други зборови: во една компанија во одреден сектор може да постои формален раководител, а улогата на вистинскиот лидер да не се совпаѓа со формалниот раководител – вистинскиот лидер може да биде сосема друг вработен. Клучната разлика меѓу лидерството и менаџментот се состои во тоа што во лидерството вработените ги извршуваат задачите бидејќи сакаат, а во менаџментот бидејќи мораат. Основата на лидерството е мотивираноста на луѓето да го следат лидерот, додека основата на менаџментот се правилата и прописите. Вработениот не мора да ја почитува личноста на менаџерот за да ја заврши задачата што ја доделува тој. Вистина е дека тој што е на формална менаџерска функција најдобро може да ја врши и неформалната лидерска, но честопати тоа не е случај. Раководител може да биде секој што ќе биде назначен. Тој треба да поседува одредени менаџерски квалитети (способност за планирање, координирање, организирање, контролирање и мотивирање), но релацијата со луѓето не мора да биде на највисоко ниво. Менаџерот се избира со формална одлука, додека лидерот се избира од страна на вработените преку практична комуникација и докажување со секојдневното работење.

 

Содржини на лидерството

Лидерството е сложен процес, бидејќи во себе обединува многу аспекти. Првиот аспект е способност за градење релации со луѓето што се базираат на силна доверба. Во рамките на овој аспект има многу поткатегории: способност за отворена и искрена комуникација, почитување на другите, подготвеност за саможртва поради другите, тимски дух и други слични интерперсонални карактеристики. Истовремено, потребно е лидерот да манифестира и стручност за работата, затоа што луѓето ќе му веруваат само ако се сигурни дека тој знае што прави. Доследноста, одржувањето на зборот, стремежот да се зборува и да се бара вистината, исто така се клучни карактеристики што влијаат на зајакнувањето на довербата и на изборот на одредена личност за лидер. Од друга страна, овде се и стабилноста, смиреноста и фокусираноста на идниот лидер.

Никој не сака да биде воден од човек кој е вознемирен или лесно ја губи контролата над себе. И интелигенцијата и брзиот начин на размислување се особено важни карактеристики на лидерите, затоа што тие се луѓе кои брзо наоѓаат решенија за ситуации во кои на останатите им треба дополнително време да ги разберат и да понудат опции. Лидерите размислуваат логично и имаат способност јасно да ја пренесат сво-јата идеја низ зборови. Тука се и одликите на личната храброст, упорност, непоколебливост и решителност. Лидерите се луѓе кои не се откажуваат при соочување со пречките. Тие храбро влегуваат во пресметани ризици, но важно е дека реагираат кога другите немаат храброст.
liderstvo, vrodeno, talenti, menadzeri

 
 
Тие се решителни и упорни, сè додека не ја исполнат поставената цел. Клучниот елемент кај лидерите е тоа што тие имаат визија како да дејствуваат. Ги гледаат проблемите, но не остануваат заглавени во нив – доволно се храбри и мудри брзо да создадат визија и да ја видат промената кон којашто ќе ги водат останатите.

 

Лидерот се раѓа или се создава?

Откако го дефиниравме и го објаснивме поимот лидерство, време е да се посветиме на главната дилема: Дали лидерот ги има овие карактеристики како вродени или ги стекнува? Постојат различни тврдења за овие дилеми. Некои тврдат дека лидерот се раѓа, а како доказ за тоа се малите деца. Нема потреба од стручно око за да се забележи кое дете е лидерот во еден двор, каде што си играат мали деца: едно дете е она што ги води останатите, има најголемо влијание на одлуката за избор на игра, одлучува кој со кого ќе биде во тим, кој ќе игра, а кој ќе седи настрана.

Само оној што создава лидери е совршен лидер без ограничувања!
– Џон Максвел

Едноставно, очигледно е дека тоа дете е роден лидер. Од друга страна, постојат ситуации кога личности кои во своето детство не биле лидери, тивки и повлечени или конфликтни и деструктивни, со текот на времето успеале да ги научат потребните вештини и да бидат прифатени од

останатите како лидери. Ова јасно ја потврдува втората теза дека лидерството се учи. Можеби детето со потенцијал за лидер е некое што во себе има доволно интелигенција и свест да согледа дека не е добар начинот на пристап кон одредена работа, но нема способност тоа конструктивно да го комуницира и влегува во конфликти. Тоа во себе ја има визијата за промената што сака да ја направи, но потребно е да научи правилно да комуницира и да ја пренесе визијата на другите.

Едноставно, постојат луѓе кои имаат потенцијал да станат лидери, но им недостасуваат одредени способности, што можат да се научат. Со вложување во сопствениот развој под стручно водство, луѓето кои го имаат потребниот потенцијал можат да го развијат лидерот во себе.

Со тоа доаѓаме до одговорот на дилемата: Лидерите се раѓаат, но лидерите и се создаваат! Логично, се поставува ново прашање: Дали секојможе да се развие во лидер? Одговорот е – Не! Постојат луѓе кои едноставно немаат доволно потенцијал, луѓе за кои еден просечен животен век е премногу краток за да развијат лидерски способности. На пример, тоа се луѓето со многу внатрешни стравови, ниско ниво на интелигенција или самодоверба. Без оглед на процесите на едукација на кои ќе бидат подложени, од нив не можат да се направат лидери.

Во целата приказна најважни се првите две групи: да се препознаат тие што имаат вродени лидерски квалитети и тие што имаат потенцијал и да се подложат на едукација, обука и развој. На тој начин ќе блеснат со сиот својот лидерски потенцијал. Само организациите што од своите редови ќе можат да гипрепознаат и да ги „произведат“ своите идни лидери ќе се претворат во организации со посветено и пожртвувано лидерство на сите нивоа и ќе блеснат со својот успех и развој!

Автор: Доцент д-р Лазар Ѓуров,
универзитетски професор,
обучувач и консултант.